Зафир Хаџиманов е македонски пејач, шансониер, композитор - кантавтор, глумец, поет, водител... Настапува, и раскошно ја сее убавината на својата и наша музика и поезија. Роден е во Кавадарци на 25 декември, 1945 година. Татко му, Васил, бил етномузиколог и и магистер на фармација, интерпретатор и неуморен собирач на изворни македонски песни, а мајка му, Вера, учителка. Гимназија и средно музичко училиште завршил во Скопје, каде со подеднаков жар им приоѓа и на театарот и на музиката. Во 1967 година Зафир дипломира на Факултетот за драмски уметности во Београд, во класата на професор Мате Милошевиќ. Има одржано концерти во СССР, САД, Канада, Куба, Австалија. Добитник е и на наградите Југословенска естрада, Истакнат уметник на Србија, Награда за животно дело од радио Буба Мара во 2002, Награда за животно дело од ТВ Јесенин од Нови Сад во 2003 и Златна маска за ширење на македонската култура по светот во 2006 година. Од театарските сцени настапува во Театарот на Теразија, Атеље 212, Драмски театар во Скопје, Драмски театар во Нови Сад и театарот во Бостон USA ("Forum Theatre"). Добитник е на годишната глумачка награда на Српското народно позориште и специјална повелба на Здружението на театарските уметници во Србија за висок домет во светот на глумата. Зафир се опробува и во мјузикли - автор е на единствениот македонски мјузикл "Ало будење", во кој ја раскажува приказната за дете-бегалец, без место под сонцето, кое се обидува да се најде себеси во уметноста.